Претставници на УЈП денеска реализираа советодавна средба со закупувачите на штандови за манифестацијата Тиквешки гроздобер, со цел да ги информираат за нивните законски обврски при продажбата на производи во рамките на оваа традиционална стопанско туристичка и културна манифестација.
– Во соработка со Општината заедно со учесниците кои закупиле штандови имаме работна средба, со што како институција настапуваме превентивно и укажуваме на доброволно почитување на даночните закони. Учесниците на манифестацијата знаат за обврските но секогаш постојат некои прашања што заеднички на ваквите средби ги разјаснуваме, информираше Тања Костова Винарова, асистент во Одделение за услуги и утврдување на данок, во изјава за медиумите.
Целта е, како што истакна таа, да се информираат јавноста и сите учесници што вршат промет на добра и услуги, задолжително да користат одобрен фискален апарат и во доволен број, да го евидентираат остварениот промет за секоја фискална каса и најдоцна наредниот ден да го уплатат дневниот промет кај носителот на платен промет, да издаваат фискални сметки, а исто така на видно место да имаат истакнато соопштение со кое ги информираат купувачите за нивната обврска да бараат фискални сметки.
– Физичките лица кои ќе вршат продажба на производи од времен карактер како храна, пуканки, крофни, пред да почнат со дејноста да поднесат барање за паушално плаќање на данокот од вршење на дејност од времен карактер, во подрачната единица на УЈП. На основ на поднесеното барање, УЈП издава решение со утврдени аконтации на данокот на личен доход, со прилог налози за плаќање на данокот за остарениот приход во периодот додека ја вршеле дејноста, појасни Костова Винарова.
Таа додаде дека кај семејните винарии што на манифестацијата вршат продажба, потребно е истото согласно член 71 од Законот за данок на личен доход, да го пријават приходот и да го платат данокот, најдоцна десеттиот ден во наредниот месец.
– Бенефит од усогласеното даночно работење имаат сите, а Управата за јавни приходи го следи нивното законско работење, со што заеднички придонесуваме за одржување на една манифестација да се одвива во една убава атмосфера и на општо задоволство на сите.
На новинарско прашање, дали се прави контрола и што ако некој нема поднесено барање за времен карактер а врши продажба на отворено или на манифестација, Костова Винарова одговори дека кога се во прашање физички лица кои поставиле тезга на јавен простор и дејноста ја вршат од времен карактер, месец, два или неколку дена, најпрво, УЈП настапува советодавно, го информира лицето вршител на дејноста со даночната регулатива, а му се прави и соодветна едукација, односно му се објаснуваат чекорите што треба да ги направи тоа лице кое врши дејност од времен карактер, за да биде усогласено со законот.
– Секако по одреден период од неколку дена, по советодавната посета се прават и соодветни даночни котроли, за да се види дали вршителот на дејноста од времен карактер даночно се усогласил. УЈП го следи законското работење на трговците и угостителите преку контрола на издавањето на фискални сметки за секој продаден производ или услуга, исто така ќе ги контролира и издавачите под закуп и подзакуп на станбен и деловен простор и издавачите на пловни објекти. Согласно ЗДЛД, непријавувањето на приходите што води до неплаќање на данокот, е казниво и глобите за физички лица се движат од 50 до 250 евра, додека за правните лица глобите се движат во праг од 300 до 10.000 евра, подвлече Костова Винарова.
Посакувајќи им многу успех на закупувачите на штандови, претставниците на УЈП нагласија дека ваквите средби се советодавни и резултатите од нив се за општото добро на сите.
Градоначалникот Митко Јанчев, меѓу другото потсети дека на официјалните штандови треба да се продаваат вински производи и други производи од грозје, а на тие штандови не е дозволено продажба на други алкохолни пијалаци, бидејќи сепак станува збор за манифестација во чест на грозјето и виното. Тој ги повика закупувачите на штандовите да ги почитуваат законите, бидејќи како што нагласи, бенефитот од тоа го има целата заедница.
Светлана Дарудова за МИА