Мисијата на Меѓународната агенција за атмоска енергија (МААЕ) која се упати кон нуклеарната централа Запорожје сè уште чека на украинскиот контролен пункт по денешното гранатирање на Запорожје, но е решена да стигне до објектот денеска, изјави портпаролот на МААЕ за Ројтерс.
Украинската државна компанија за атомска енергија „Енергоатом“ потврди дека конвојот со експертите на МААЕ се наоѓа на украинската контролна точка, на околу 20 километри од линијата на фронтот, и чека да се расчисти ситуацијата околу нуклеарната централа и таа да стане безбедна за нивната посета.
Последните информации се дека претставник на МААЕ изјавил дека мисијата ќе треба да почека најмалку три часа за да пристигне до атомската централа.
Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, е во контакт со украинската војска за да и се дозволи на мисијата да стигне до централата.
Во текот на денот руската и украинската страна продолжија да разменуваат обвинувања за гранатирања на областа во близина на нуклеарната централа.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека денеска украински диверзантски трупи слетале недалеку од нуклеарната централа Запорожје и се обиделе да ја заземат нуклеарката.
Енергодар остана без струја, откако еден од двата оперативни реактори во украинската нуклеарна централа Запорожје денеска е исклучен поради, како што изјави украинската страна, руски минофрлачки напади.