Луѓето редовно поминуваат преку овие пруги, па дури и се качуваат на вагоните за да го скратат патот. Но, оваа секојдневна практика може да биде фатална. Токму на ова место, вчера попладне тинејџер се здоби со тешки изгореници откако го погоди струен удар качен на еден од вагоните цистерни на железничка станица во скопската општина Кисела Вода. Тој е хоспитализиран на интензивна нега на Карил, а оттаму за Телма велат дека е во критична состојба.
„Во текот на вчерашниот ден во попладневните часови околу 16 часот е примен пациент на интензивно лекување“, изјави д-р Марија Срцева, директорка на КАРИЛ.
Струјниот удар со висок напон остави сериозни последици врз тинејџерот, а институциите најавуваат истрага. Инцидентот се случил во попладневните часови, кога тинејџерот од засега непознати причини решил да се качи на еден од паркираните вагони. Дали сакал да сними Тик-ток видео или се работи за меѓуврснички предизвик треба да покаже истрагата.
„Вчера околу 15 часот било пријавено дека на пругата на територија на Кисела Вода 17-годишник од Волково кој бил качен на цистерна вагон доживеал струен удар, при што цистерната се запалила. Со возило на Итна помош тој бил пренесен во Ургентен центар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјави Гоце Андреевски, МВР.
Тинејџерите често преземаат ризици без да размислат за последиците, сметаат психолозите. Според нив потребна е анализа за опасностите во ваквите зони, како и на причините зошто младите се движат токму таму- дали заради поголема гледаност на нивните видеа на социјалните мрежи.
„Тие предизвици пред сè да бидеме свесни дека се опасни по нашето здравје. Најчесто тоа се филувани предизвици за поголема гледаност, а од друга страна мислам дека е потребна поголема информираност за јавноста, што всушност се тие предизвици и какви последици може да имаат врз нашето физичко и ментално здравје“, вели Цветанка Бурзевска, психолог.
Во 2022 имаше сличен ваков случај кој за среќа не заврши трагично, но 17-годишна тинејџерка од Маџари засекогаш ќе ги носи лузните од тешките изгореници по телото во обид да сними Тик-ток видео. Јавноста сè уште го памети и трагичниот случај со 14-годишното девојче кое за едноминутно видео на Тик-ток, пред две години заврши трагично, токму на ваква цистерна на каква вчера се искачило и момчето од Волково.