Aлбанскиот аналитичар Батон Хаџиу, по потекло од Косово, актуелен советник на премиерот Еди Рама, смета дека решение за Косово би било обединување со Албанија.
На средба со студенти и професори од Европскиот универзитет во Тирана, Хаџиу зборуваше за историската ситуација во која Косово е денес и за можниот договор со Србија.
– Се додека Србија отворено се изјаснува за нејзино обединување со Република Српска во Босна и Херцеговина, Косово нема зошто да ги крие ваквите амбиции. Ова е моментот, кога веќе е отворена дискусијата за корекција на границите, изјави Хаџиу, наведува албанскиот портал „Албеу“.
Порталот истакнува дека Хаџиу во Косово важи за храбра личност која артикулира и покренува жешки прашања, за кои многумина немаат храброст за тоа.
– Други го нарекуваат „предавник“ на националните интереси, но храброста на Батон Хаџиу му дозволува да биде меѓу оние што ги артикулираат, па дури ги кажуваат причините и мотивот за договорот за „корекција на границите“ меѓу Косово и Србија, констатира порталот.
Хаџиу, отворено кажува дека не ја поддржува политиката што ЕУ ја води во изминатите години, што, според него, го оставила Косово да вегетира без иднина и со Србија, која има само корист од ЕУ.
– Европската унија ја фаворизира нестабилноста на Балканот. Од 2011 година, па натаму, Србија профитира од „добрината“ на ЕУ во економски и политички поглед, додека Косово е во ситуација да не биде признато од пет членки на ЕУ, не е дел од УНЕСКО, Интерпол, како и други организации, посочи Хаџиу.
Тој ја критикува поделеноста на политичарите во Косово и во Албанија и додава дека во ваква ситуација биле и Есат Паша Топтани (трет премиер на албанската држава по прогласувањето на независноста) и кралот Ахмет Зогу, кога се зборувало за националното обединување.