Скопје ќе биде домаќин на самит на европските слободни економски зони, што ќе се одржи од 2 до 4 мај годинава. Се очекуваат над 350 претставници од цел свет, а организатор е Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони, која самитот ќе го организира во соработка со Организацијата на светски слободни зони.
Ќе бидат поканети вицепремиери и министри, а ќе присуствуваат и претставници од слободните економски зони. Самитот ќе се осврне на повеќе прашања што ги засегаа слободните економски зони, а меѓу другото ќе се разговара и за усогласување на регионот околу политиките во зоните и како да се изнајдат начини да се унифицираат ставовите за државната помош што им се дава на странските инвеститори.
Од Дирекцијата на ТИРЗ истакнуваат дека државната помош што ја даваме е усогласена со онаа на Европската Унија, но она што го бара ЕУ е да се усогласиме како регион во овој дел бидејќи доколку не се случи тоа, одредени зони се ставаат во подредена ситуација во однос на други.
– Секоја фирма си има свои параменти поради кои одлучува да инвестира во одредена земја. Има повеќе параметри кои инвеститорите ги гледаат. На пример, се случува да не изберат нас наместо Србија, но и да ја изверат Србија, наместо нас. Ние добивме неколку проекти заради тоа што инвеститорите сметаа дека Србија не е политички стабилизирана, но имаше и случаи кога беше избрана Србија поради логистички причини, појаснуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.
Оттаму велат дека придобивките од самитот за Македонија се големи – ќе станеме многу повидливи на светско ниво во делот на слободните економски зони и уште од самиот почеток ќе бидеме дел од зоните кои се инволвирани во процесот на сертификација на сигурни зони.
Во Македонија во технолошко-индустриските развојни зони, покрај веќе отворените, има 17 нови инвестиции што се во различна фаза на реализација. Во следниот период се очекува потпишување на нови пет-шест договори за инвестиции, а најавите се дека во следните две години тој број ќе расте. Платите, како што информираат од Дирекцијата на ТИРЗ, не се помали од 300 евра.
– Во последниот период ниедна фирма нема потпишано договор за државна помош без да даде 300 евра плата. Минималната плата на некој начин ја направивме во зоните да биде 300 евра, посочуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.