Јапонскиот цар Нарухито и царицата Масако денеска поминаа низ центарот на Токио за да го одбележат неговото стапување на престолот, а илјадници граѓани ги поздравија мавтајќи со национални знамиња.
Царот Нарухито (59) го наследи престолот во мај, откако неговиот татко Акихито стана првиот јапонски монарх кој абдицираше во последните два века.
Свечената церемонија требаше да се одржи на 22 октомври, кога царот официјално го презеде престолот пред функционери од околу 190 земји, но беше одложена поради тајфун.
Царот беше во формална облека, а царицата Масако во бел фустан со тијара на главата, што се разликуваше од церемонијата за инаугурацијата кога и двајцата беа во традиционална облека.
Неколку стотици илјади луѓе од различни делови на Јапонија се собраа во центарот на градот во должина од 4,6 километри за да ги видат и поздрават царот и царицата.