Во контекст на заложбата на Владата на Република Македонија и Министерството за дигитална трансформација, Универзитетската клиника за токсикологија во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и компанијата iReason под раководство на доцент д-р Костадин Мишев и вон. проф. д-р Моника Симјаноска Мишева во својот информатички систем ќе инсталира софтверско решение за транскрипција на говор на македонски јазик, поддржано од Вештачка интелигенција, објави директорот на институцијата, проф. д-р Андон Чибишев на својот ФБ профил. .

-Ова решение има за цел да го олесни креирањето на медицински извештаи во реално време, овозможувајќи им на лекарите автоматски да генерираат извештаи веднаш по завршувањето на прегледот. Со ова значително се намалува времето за документација и се овозможува поголема фокусираност на пациентите. Овој иновативен чекор, поддржан од експертите на ФИНКИ и iReason, е значаен придонес кон дигиталната трансформација на здравствениот сектор и модернизација на македонското здравство, вели доктор Чибишев, директор на Токсикологија.

Со овој проект, Универзитетската клиника за токсикологија ќе биде пилот здравствена институција која ќе го превземе ова софтверско решение кое оди во прилог на напорите на Владата да ги дигитализира јавните установи.