Холандската Влада ќе обезбеди дополнителни 2,4 милијарди евра за Министерството за одбрана за да ги доближи трошоците за безбедноста до стандардите на НАТО. Најголем дел од предвидените средства ќе бидат обезбедени преку кратење на фондовите наменети за справување со климатските промени.
Одбраната со дополнителните 2,4 милијарди евра годишно ќе биде чекор поблиску до стандардите на НАТО што предвидуваат издвојување на два отсто од БДП за оружените сили.
Весникот „Де Телеграф“ пренесува изјави на упатени извори според кои 2,2 милијарди евра ќе се обезбедат преку кратење на финансиите наменети за реализација на проекти за справување со климатските промени, за намалување на емисиите на јаглероден диоксид, како и од проекти за развој на знаења, за инфраструктура, за истражувања и иновации.
Изворите за весникот посочуваат дека целите на скратените фондови остануваат непроменети, единствено ќе се направи обид истите да бидат постигнати со помалку пари.