Климатските промени, конфликтот меѓу Израел и Палестинците, иднината на Европската Унија, нуклеарната криза со Иран и постепениот распад на американско-азиските сојузи се петте глобални проблеми што се влошуваат и за кои можеби никогаш нема да се најде решение.
Како што пишува Форин полиси од Вашингтон, иако долго време не бевме свесни за климатските промени, се појавуваат сè повеќе загрижувачки докази за негативните последици на нивното влијание. Уште повеќе, брзината и обемот на промените го водат светот кон најлошото сценарио.
Температурата во следните 20 години ќе продолжи да расте незапирливо, а во студиите на експертите на ОН за климатските промени се проценува дека штетата од тоа ќе биде 54 илјади милијарди долари. Затоа, соочувањето со овој проблем не е ни малку лесно.
Секогаш е тешко да се натераат луѓето да се жртвуваат за доброто на идните генерации, поради што развивањето ефикасен глобален одговор на глобалното затоплување ќе биде најпроблематичен политички тест за човештвото.
Уште еден од проблемите на современиот свет денес е конфликтот меѓу Израел и Палестинците.
Веќе три децении како стандардно решение за долгата борба меѓу Израелците и Палестинците се смета идејата за „две држави за двата народа“. Иако не е идеално, сепак ова решение се смета за најдобар компромис, но сега шансите за доаѓање до него се сè помали.
Дополнително, Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли секоја шанса за мир, именувајќи за амбасадор во Израел човек кој изјави дека Израел има тајно оружје, бидејќи е „на страната на Господ“.
Иднината на Европската Унија, која со години го поттикнуваше економскиот раст на Европа и помагаше за ширење на демократијата и толеранцијата по Студената војна, сега не изгледа толку добро.
Велика Британија, порано или подоцна, ќе ја напушти ЕУ, а САД под водство на Трамп се отворено непријателски настроени кон неа.
Популистичките анти ЕУ-партии се сè попопуларни во неколку европски земји, вклучувајќи ги и Италија и Германија, а Брисел не е во состојба да ги стави под контрола нелибералните националисти, како премиерот Виктор Орбан во Унгарија или владејачката партија Право и правда во Полска.
Освен тоа, расте и притисокот за затворање на границите во шенген-зоната, што укажува на постепено оддалечување од целта за „уште посилна Унија“.
Но, ЕУ се покажа многу „пожилава“ од тоа што некои ѝ предвидуваа. Затоа е можно Унијата да опстане со децении без целосен слом, иако не се очекуваа таа да цвета.
Четвртиот навидум нерешлив проблем е иранската нуклеарна криза, односно фактот дека Трамп ги повлече САД од Договорот, чија цел беше да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје, и дополнително воведе санкции кон Техеран, по што повторно пораснаа тензиите.
Максималниот притисок нема да го урне иранскиот режим, нема да ги зајакне умерените политичари во Иран ниту, пак, ќе реши која било од разликите со Вашингтон.
Многу поверојатно е дека тој притисок ќе го охрабри Иран да продолжи со нуклеарниот развој и на крајот повторно да ја покрене програмата за нуклеарно оружје.
Последен проблем е постепениот пад на американско-азискиот сојуз.
САД сакаат да го задржат безбедносното присуство во Азиско-пацифичкиот Регион, со цел да ја спречат Кина да стане регионален хегемон, но и да влијае на политиките на земјите низ светот.
Но, управувањето со коалиција што би ја балансирала моќта во Азија нема да биде лесно, а Администрацијата на Трамп дополнително ги загрози таквите напори.
Антикинеската коалиција би била гломазна и слаба, затоа што би ја сочинувале земји што се во голема мерка оддалечени една од друга, а некои од нив дури имаат и големи меѓусебни спорови. Дополнително, некои азиски земји не сакаат да ги загрозат своите економски врски со Кина.
Таквата ситуација наведува на потребата од вешто и внимателно раководење со таквиот сојуз, кое ќе можеа да го обезбедат САД, доколку нивните лидери сфатеа колку е тоа важно, а Трамп не направеше премногу грешки.
Тој го напушти Транспацифичкото партнерство, ги малтретираше Јапонија и Јужна Кореја со трговски спорови и неуспешно блефираше со Северна Кореја. Исто така, ги расипа и односите со Австралија.