Топ чанел, една од највлијателните албански национални телевизии, објави дека премиерот Еди Рама ја преземал улогата на посредник меѓу Турција и Грција.
Повикувајќи се на „многу сигурен извор во грчката Влада“ новинарот Артур Бибе во емисјата „Опен“ изјави дека „екслузивно дознава дека премиерот Еди Рама ја одигрува улогата на посредник меѓу Турција и Грција“.
Според истиот извор, премиерот Еди Рама денеска ќе пренесе порака од Анкара до Атина и оти премиерот Киријакос Мицотакис ќе биде тој кој ќе одлучи дали Рама ќе ја преземе улогата на преговарач меѓу двете земји.
– Според грчките медиуми дочекот на Рама во Анкара бил величенствен. Тие пишуваат дека Ердоган ретко го правел тоа. Посетата, исто така, имала и свои пораки. Тоа е улогата што Рама ја презема како гостин или по негово барање, да биде медијатор во постигнување евентуален договор меѓу Грција и Турција. Од многу сигурен извор во грчката Влада тоа е вистината. Рама оствари позитивна посета на Анкара и доаѓа во Атина со порака, рече Бибе.
Премиерот Еди Рама по дводневнот престој во Анкара со поголема делегација, денеска пристигна во Атина, но како што наведуваат албанските медиуми, тој е сам.
– Во Атина на работен ручек со премиерот Мицотакис, ќе разговараме за понатамошна координација во заедничката борба против Ковид –19, натамошно зајакнување на стратешките односи меѓу двете земји, регионална соработка и европска интеграција на нашиот регион, напиша Рама на Твитер по пристигнувањето во Атина, објавувајќи притоа фотографија од пристигнувањето.