Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на „Фејсбук“ посочи дека Законот за внатрешни работи и измените на Законот за полиција претставуваат основа за темелна реформа на полицијата, од организацијата, преку раководењето и критериумите за унапредување, до интегритетот, систематизацијата, системот на кариера и одговорноста во работењето.
Ова не е законска козметика, туку суштинска промена што произлегува од анализа, дијалог и заедничка работа. Во процесот учествуваа:
– стручните служби на МВР,
– претставници на синдикатите,
– независни правни експерти,
– меѓународни партнери.
Препораките на ГРЕКО и анализите на ОБСЕ се целосно вградени во новите решенија.
✅ Со новиот ЗВР:
– Ја поедноставуваме класификацијата на работните места.
– За првпат воведуваме тест за раководење и за позиција главен.
– Обуката станува услов за секоја раководна позиција.
– Воспоставуваме тест за професионален интегритет без политички влијанија.
– Советничките позиции конечно добиваат правно функционална рамка.
– Се воспоставува јасен и доследен систем за управување со човечки ресурси – од мобилност и распоредувања, до развој и кариера.
✅ Со измените на Законот за полиција:
– Се дефинираат професионални и специфични критериуми за директорот на БЈБ – со искуство исклучиво во полициските работи.
– Се отвораат нови полициски станици во Сарај и Илинден, согласно безбедносни и територијални потреби.
– Се усогласува внатрешната организација и нормативното уредување со новиот концепт на управување во полицијата.
Додека некои, било од незнаење, било од желба за брзи политички поени, избираат да манипулираат и критикуваат без основа, ние остануваме посветени на суштината, да изградиме институција што ќе работи по јасни правила, ќе вреднува знаење и одговорност и ќе им служи на граѓаните, а не на дневната политика.