Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во емисијата „Daily Click“ на ТВ21 истакна дека има обвинители кои не работат во интерес на државата.

„На лице место фативме судија на еден од највисокиот суд во државава, како рекетира и зема пари од македонски граѓани за да стори или не стори нешто, а притоа потпомогнат од страна на член на Совет на јавни обвинители. За среќа овие двајца повеќе не се од правосудниот систем. Најдобро од се е што овие луѓе нема повеќе да му штетат на македонскиот граѓанин“, вели Тошковски.

Во однос на „нивните пипци“ кои можеби останале низ секторот, Тошковски порача дека ќе ги видат и нив.

Во врска со пријавата против екс премиерот Ковачевски, Тошковски вели МВР постапува по рамки на своите законски надлежности на степен на основи на сомнение.

„Работа на МВР е да поднесе кривична пријава таму каде што цени дека има докази, дел собрани, дел што треба да се соберат во иднина, за одредени незаконитости особено поврзани со буџетот на македонските граѓани. Работа на обвинителството е да ги истражи сите факти и докази кои што смета дека треба да бидат разгледани и доколку цени дека за конкретен предмет се исполнети законските услови, да процесуира обвинителен акт“, вели Тошковски.

Министерот заборуваше и за случајот „Адитив“.

„Ќе има уште многу, многу докази кои што ќе бидат користени во рамки на оваа постапка, во рамки на други постапки поврзани со правното лице кое што во минатото и те како било злоупотребувано во насока на оштетување на буџетот на народот од страна на оние кои што го раководеле. Многу докази, многу докази, овој предмет е еден пример на дрскост и душманско крадење на својот народ“, вели Тошковски.

Како што вели, покрај тоа што фиктивно измислувале правни субјекти кои што треба да дадат соодветни понуди за да ја оправдаат цената што е зголемена за најмалку три пати на предметните адетиви, па уште адетивите кои се набавени 95% не ги употребиле.

Истрагата за случајот започна на 10 декември и опфаќа: 23 физички лица и четири правни лица.