Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќа оцени дека неговото Министерство нема контрола на државните граници.
„Сега глумиме дека знаеме што се случува на границите, но немаме поим. Тоа е вистината. Не можам да се лажам себеси, ниту вас, ниту македонската јавност. Сакаме да имаме сигурни граници или… Ни влегуваат преку диви патчиња и прават тоа што сакаат да направат во државата и си излегуваат без никој да ги праша…Дали целиот период наназад намерно е вака оставен системот? Во 21 век, со 49 души да покриваш 39 километри со физичко трчање по граница, за мене е надвор од умот. Има луѓе кои што си ја работат работат, но зборувам од менаџерска позиција“, изјави Тошковски во емисијата „Топ тема“, потенцирајќи дека имало „глумење на сигурна граница“.
Тој посочи дека би можело да се зборува за контролирана граница, доколку, како што рече, „со интеграција одвнатре, врз основа на точни информации, би можеле да дејствуваме длабински“.
– Кога може да поставиме термални камери, дронови, дури и хеликоптери да употребиме. Кога сето ова би било интегриран систем на управување, неважно каде би бил лоциран, каде што би работел во три смени, каде во основа на овие камери и дронови би се детектирал секој еден периметар, од конкретни позиции во рамки на постоечките бидат лоцирани мобилни екипи со нови возила, обучени кадри во соработка со Фронтекс би делувале на јужната граница, но и на другите граници, би можеле од внатрешноста да делуваме длабински, е тогаш ќе може да збориме за конторлирана граница, и дека имаме контрола и дека ја имаме фактичката состојба, изјави Тошковски во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Тогаш навистина би можеле да кажеме дека имаме контролирана граница“, кажа Тошковски.
Министерот објасни дека е потребна интегрирана гранична контрола што ќе значи контролен центар во внатрешноста, во Скопје или во друг град, кој ќе работи во три смени, поставување термални камери, употреба на дронови и по потреба и хеликоптери, како и обучени мобилни тимови со нови возила.
Тошковски оцени дека сегашната Гранична полиција со над 1.600 лица е неефикасна, со гломазна раководна структура.
Како пример ја наведе полициската станица за граничен надзор „Маздрача“ каде, како што рече, работат 44 лица кои според нивните оперативни планови ја контролираат границата од 39 километри и се обврзани само еднаш годишно да посетат девет гранични камења.
„Тие 44, според моите први пресметки, ја чинат државата околу еден милион евра годишно само за плати, придонеси и часови“, информира Тошковски.
Тој додаде дека „знае дека на северната граница не функционира ниту една термална камера“.
„Најодговорно потпишувам дека е така“, посочи министерот.