Од она што во овие 50 дена можев да го видам во МВР можам да кажам – катастрофа. Синоним за состојбата во МВР е катастрофа. Од секој аспект. Во МВР во последниот период се обидувале да наметнат еден термин Задоволна и опремена полиција – безбедни граѓани. Институционалниот капацитет наречен МВР е оставен да се распадне. Не знам дали е тоа направено со умисла за да се распадне, да се распадне државата, или едноставно од негрижа, непрофесионализам, полтронство и.т.н., синоним за работењето на овие предводени од ДУИ заедно со приврзоците ги управуваа институциите последните 6-7 години – изјави техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски во вчерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа.
Тој обвини дека полицијата нема знамиња, компјутери, човечки ресурси.
Полицијата нема знамиња. Началниците на граничните полициски станици кажуваат дека со свои средства и знамиња си купуваат. Тие гранични полициски станици функционираат така како што функционираат во тие оскудни услови само затоа што полициските службеници сами со сопствени средства ги одржуваат. Замислете, посетив 5 полициски станици, граничен надзор Танушевци, Блаце, Рогачево, Чашка и Маздрача, само една била посетена од министер за внатрешни работи во последните шест години. Ниту една друга, никогаш. Ај што не биле посетени од страна на министер. Ни директор на БЈБ не ги посетил 30 години. Како војската ги дала така се оставени. Кубурат со човечки ресурси, шајка не е закована во ниту една, освен во Маздрача прозорите што се сменети. Термалните камери не им работат и ова е сериозна работа којашто треба да не загрижи сите. Термалните камери ги имале на неколку пункта, а опсегот е значително голем и може да констатираат движење на како што ми беше кажано од еден од началниците таму, глушец да помине ќе го детектира или пак можеме по физикус и локалните жители да ги препознаеме, посочи началникот. Јас се прашувам дали намерно го правеле ова цело време за да помогнат на шверцот, не за да одмогнат“, истакнува министерот Тошковски.
Според информациите коишто ги добил Тошковски, најмалку 6 години не функционираат овие термални камери, информација којашто ја добил од командирите на северната граница на Македонија.
„Системот е уништен, систем нема и ова се страшни факти кои што беа посочени до мене. Говорам за тоа што го констатирав со свои очи на северната граница, доколку не е така нека излезат и нека ме побијат со факти. Нека кажат дека има доволно човечки капацитети, нека кажат дека има доволно возила. Смена не можат да направат луѓето. По едно возило имаат. Зборувам за северната граница. Другите не знам, ќе ги посетам па ќе кажам. Човекот многу убаво си кажува – едночекорна држава. Тендер направиле за да се чисти станицата од ѓубре ама притоа не утврдиле дека ѓубрето треба да го земе тој што го чисти и да го фрли кај што треба да го фрли, во депонија. Таму им го оставаат. И да не биде само ова, имаме друга полициска станица Јагуновце, немаат ниту еден компјутер за работење. Имаат само еден компјутер за безбедносните камери и истиот го користат и за изготвување на документи. Северната граница никако не ја контролираме. Ги лажеме граѓаните дека контролираме нешто. Еве нека излезат нека ме побијат дека не е така“, дополнува Тошковски.