Политички лешинари преку проблемот со црквата во Галате сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии, што е доказ за наводите за дестабилизација на кои предупредуваше во неколку наврати премиерот Христијан Мицкоски, оценува во интервју за Телма министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според него, обидот за подгревање на тензии е неуспешен, а МВР ќе ги преземе сите мерки за нивно целосно спречување.
Како што посочува Тошковски во интервјуто, информации за расчистувањето на околината на црквата во Галате во Oпштина Врапчиште немале ниту во МПЦ.
„Сето она што настана, согласно она што го видов, барем на јавно објавените снимки, не е ништо друго туку само еден неуспешен, слободно можам да кажам, обид, за подгревање меѓуетнички тензии. Обид на одредени политички лешинари во текот на вчерашниот ден да подгреваат, да хушкаат, да извртуваат фактичка состојба во насока на меѓуетнички тензии. Ако ова не е доказ дека она што сме го говореле изминатиот период, од аспект на тоа дека ќе има обиди во овој временски период, во насока (на дестабилизација), тогаш не знам што би било“, вели министерот за внатрешни работи.
И премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека тензиите околу црквата во Галате се дел од фолклорот што се подготвува за сеење етничка и верска нетрпеливост. Како што посочи, тој постојано предупредувал дека не треба да се игра на етничка и верска карта, „бидејќи тоа е картата на која овие криминалци што изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност“. Според премиерот, ова се изолирани инциденти, но ќе има уште вакви.
„Ја слушнавте изјавата и на владиката кој се оградува од ваквите инциденти. И жителите од селото Галате се оградуваат. Она што е интересно е што на социјалните медиуми излегоа слики на некои луѓе во друштво на политички активни лица. Ако се земат предвид и политичката провиниенција и поддршката на градоначалникот на Општина Врапчиште, но и полициската структура која е во ОВР Гостивар тогаш многу лесно може да се дојде до заклучокот дека ова е дел од оној фолклор што се подготвува за сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација“, рече Мицкоски.
Инаку, жители на селото Галате вчера се пожалија дека полицијата ги попречува да ја спроведат акцијата за уредување на просторот околу црквата „Света Петка“, која уште во 2001 година е оштетена од пожар.