Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, очекува добра соработка со дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, кој е кадар на СДСМ. На денешната средба двајцата се согласиле дека не е добро да се повтори ситуацијата од претходните избори во 2020 г., кога во техничката влада министер за внатрешни работи беше Наќе Чулев, а дополнителна заменик-министерка – Славјанка Петровска, открива Тошковски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ1.
-Разговаравме за тековните работи во Министерството коишто треба да следат и двајцата се согласивме дека не сакаме процесот да биде окарактеризаран, кога ќе заврши, како што беше минатиот. Правници сме и двајцата. Човекот првпат го запознав денес, ми изгледа разумен и се надевам дека ќе имаме добра соработка, поради тоа што, од мој аспект на постапување, ќе говорат факти и докази. Јас нема да излезам надвор од законот. Поразговаравме и на одредени теми од Законот за Влада, кои се клучни од аспект на постапување и спроведување, вели Тошковски.
Тој вели дека се согласува со пораката на Бојмацалиев до вработените во МВР – да не подлегнуваат на притисоци и уцени бидејќи тие не должат никому ништо, потенцирајќи дека се чувствува како тој да го кажал истото.
Тошковски посочува дека голем дел од луѓето со кои ќе работи во кабинетот се вработени во МВР, но сè уште не ги открива имињата.
-Не би сакал да шпекулирам со имиња, но сакам да ветам дека тоа ќе бидат професионалци, луѓе со долгогодишно работно искуство во МВР и, во секој случај, сакам да потенцирам дека кој работи, тој и греши. Суштината на ова што го зборувам е дека можеби некој од нив ќе погреши, човечки е. Но, проблемот на државата досега е тој што греши, а е со одредени привилегии – не одговара, одговараат само обичните луѓе. Да ветам дека доколку се случи такво нешто во иднина, кој и да е, ќе одговара согласно законите, додава Тошковски.
За можноста министерот да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања на повисоко или пониско место на носители на раководни позиции во МВР, Тошковски вели дека ќе го направи тоа во рамки на Законот за Влада.
360°: Минатиот пат смените Чулев ги направи главно на началничките места во секторите за внатрешни работи. Такви има осум во државата. Дали треба да очекуваме и од вас дека ќе направите смена на тие позиции?
Тошковски: Да. Претходниот пат не беа осум, беа седум, но – да, сега ќе бидат сите осум поради тоа што сметам дека треба да има нови луѓе на тие позиции.
На забелешка на „360 степени“ дека минатиот пат беше сменет и началникот на одделението за внатрешни работи во Прилеп, Тошковски вели дека највероајтно и овој пат ќе има промена таму, имајќи го предвид значењето и територијалната големина на тој регион.
-За сите овие началнички места, моментално, а и во претходниот период откако бев предложен за министер, разговарам со многу луѓе, вршам консултации. Не сакаме да згрешиме во овој дел, не сакаме да ставиме луѓе кои нема да бидат соодветни на позициите. Видете, тргнуваме од фактот дека во моментот имаме тотално уништено општество. Неспорно за никого. Криминал и корупција на највиско ниво, перцепција на граѓаните повеќе од јасна. Мораме да направиме нешто во овој период – како за органзизрање мир и демократски избори, така и за тековното работење на Министерството. И поради тоа, мислам дека ова се клучните позиции, територијално гледано, кои би требало да дадат поинаков светоглед на работењето – професионално или непрофесионално, вели Тошковски.
За СВР Скопје, Тошковски не открива кој ќе биде нов началник, но вели дека Ристе Ставрески, кој беше на таа позиција за време на претходната техничка влада, овојпат не е во игра за истото место.