Случајот со инцидентот во црквата во селото Галате е дело на „недобронамерници“ кои не успеаја да ја постигнат својата цел, изјави денеска министерот за внатрешни работи одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема. Тошковски се заблагодари и на луѓето од црковниот одбор, како и на Македонската православна црква, а рече и дека доколку во наредниот период се утврдат незаконски дејствија поврзани со овој случај ќе следува и одговорност.
„Мислам дека на секој еден граѓанин во Македонија му е јасно дека ова беше класично сценарио на недобронамерници, коешто за среќа беше недоволно ефикасно во намерата којашто ја имаа истите. Огромна благодарност до црковниот одбор до мештаните од селото, до македонската православна црква, коишто повикаа на разум и повикаа на постапување институционално, согласно законите. Само така, можеме да говориме за нормално општество. Се уште се утврдуваат точните мотиви за предметниот настан затоа што сомнителни се истите, не се само за Министерството и за целокупната јавност. Доколку утврдиме одредени дејствија коишто ќе бидат во насока на одредени незаконитости, а притоа за истите имаме докази соодветно ќе постапиме”, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.