Кандидатот за градоначалник на Општина Ресен од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Тозиевски истакна дека по 15 години конечно е одблокирана општината.

Тозиевски нагласи дека во изминатите четири години реализирани биле 170 проекти од сите сфери и потребите на граѓаните.

-Во наредните четири години планираме реконструкција на градскиот плоштад, обнова и реконструкција на скијачкиот центар на Галичица, изградба на катна гаража, изградба на обиколница околу Ресен, нагласи Тозиевски.

Тој посочи дека се планирани и инвестиции во патната инфраструктура, канализационата и водоводна мрежа.

-Ќе работиме на урбанистички планови за туристичките и викенд населби, а поддршка ќе има и за овоштарите и земјоделието, посочи Тозиевски.

Додаде и дека ќе се воведе видео надзор на повеќе клучни места во градот. Најави изградба на етно село, поддршка за туризмот, промоција за заштита на езерската природа, развој на економадски туризам.

-Ќе биде изработена физибилити студија со соработка со домашни и странски експерти за заштита на Преспанското Езеро кон долгорочно управување со овој уникатен еко систем. Ќе бидат идентификувани причините и влијанијата, предлог мерки за заштита. Преку вклучување на трите држави ќе биде направена хидролошка анализа, еколошка проценка и препораки за понатамошни активности, нагласи Тозиевски.