Десет членови на едно семејство загинаа кога Пајпер PA-42-1000 Cheyenne 400 со кој патувале се урна веднаш по полетувањето во Бразил.

Трагедијата се случила вчера, откако авионот полетал од градот Канела на југот на Бразил кон Џундијаи. Авионот наишол на тешкотии неколку минути по полетувањето.

Авионот со регистарски број PR-NDN се урнал во Грамада, на околу девет километри од Канела. Според извештаите, удрил во оџак од зграда, а потоа удрил во продавница за мобилни телефони во станбена зона, јавува Аеро Тајм. Покрај загинатите во авионот, на земја се повредени околу 17 лица, од кои двајца се во критична состојба.

Консултантската компанија Galeazzi & Associados потврди дека нејзиниот директор Луиз Клаудио Галеачи (61) загинал во несреќата, а локалните медиуми објавија дека тој управувал со авионот.

Фирмата, исто така, соопшти дека сопругата на Галеачи, трите ќерки и другите членови на семејството загинале при падот на авионот.

Засега нема индикации за причината за несреќата, иако временските услови во тоа време биле оценети како неповолни. Центарот за истражување и превенција на воздушни несреќи (ЦЕНИПА) спроведува истрага за причините за несреќата.