Планината Левотоби Лаки-Лаки, активен вулкан на источниот индонезиски остров Флорес, еруптираше рано утрово, при што загинаа најмалку девет лица, соопштија локалните власти.

Ави Мангота Халан, шеф на одделот за итна реакција и логистика за округот Источен Флорес, изјави дека спасувачките тимови сè уште трагаат по потенцијални жртви заробени под остатоците на урнати домови.

– Сè уште вршиме проценки и може да има повеќе жртви, изјави Халан за ДПА.

Ерупцијата предизвика паника меѓу жителите на околните села, при што многумина ги напуштија своите домови додека паѓал пепел и остатоци.

Напорите за одговор при итни случаи се во тек, а владата прогласи вонредна состојба во погодените области до 31 декември, соопшти Халан.

Поради ерупцијата, властите го подигнаа нивото на тревога на највисоко ниво и наредија евакуација на околните села.

Вулканот почна да покажува знаци на зголемена активност на 1 ноември, според Центарот за вулканологија и ублажување на геолошките опасности (ПВМБГ).

Центарот во соопштение наведе дека ерупциите се интензивирани во последните денови, со зголемена сеизмичка активност и зголемени облаци од пепел.

ПВМБГ соопшти дека е воспоставена зона на исклучување од седум километри околу вулканот.

Индонезија се соочува со чести вулкански ерупции и земјотреси.

Фото: ЕПА