Најмалку 13 лица ноќеска загинале во предградието на перуанскиот главен град Лима бегајќи од полицијата која дошла да испита неодобрена забава, соопшти Министерството за внатрешни работи, пренесе ДПА.
Полицијата првично била повикана во барот каде што се собрале околу 120 лица, кршејќи ги мерките против коронавирусот со кои се ограничуваат масовните собири.
Откако полицијата влегла во просториите, гостите се обиделе да избегаат преку единствениот излез, па многумина биле прегазени или здробени.
Во стампедото биле повредени тројца гости и тројца полицајци.
Министерството ги отфрли извештаите во медиумите дека полицијата употребила солзавец и дека некои од жртвите се задушиле.
Во врска со смртните случаи полицијата привела 23 лица, дополнува ДПА.