Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, на гостувањето во емисијата „Трилинг“, посочи дека актуелната власт, наместо да испорачува резултати, спроведува континуиран дефокус на јавноста преку медиумски напади и притисоци врз опозицијата, се вели во соопштението од СДСМ што МИА го пренесува интегрално.
„Тој линч што ние го трпиме како партија моментално од власта преки одредени провладини медиуми ја нарушува цела етика на новинарска професија. Нонстоп да бидете нападнати, и да ја дефокусирате јавноста со тоа каде бил претседателот, мислам дека е дегутантно. Фокусот на провладините медиуми е Венко Филипче, затоа што власта не испорачува ништо за граѓаните“, потенцираше Трајановски.
Тој посочи дека сето ова е обид да се сокрие неспособноста на власта да управува со економијата и да ги испорача потребните резултати за граѓаните. Државата се наоѓа во сериозна економска и финансиска криза, што се манифестира преку синдикални протести, закочување на минималната плата, затворен трезор и буџетска дупка од околу 2 милијарди евра, како и застој во враќањето на ДДВ кон компаниите.
„Кога ќе видите во каква ситуација е моментално државата, се спрема синдикален протест, има закочување кај минималната плата, потоа имате првпат во историјата на државата дека на 15-ти декември е затворен трезорот каде што немаат меѓуинституционални плаќања. Имаме една буџетска дупка која е веќе 2 милијарди евра. Потоа закочено враќање на ДДВ-то од 120 до 150 милиони евра по компании. Тоа укажува дека владата нема да има друг начин и ќе мора да распише предвремени избори“, рече Трајановски.
Тој посочи и дека државата е во опасна позиција на европскиот пат, со ризик да стане „паралелен играч“ и да го изгуби интересот на ЕУ.
„Ние во моментов се соочуваме со можност да станеме паралелен играч. Значи да не сме внатре во процесот да одиме према Европската унија, туку да бидеме покрај процесите и едноставно Европската унија да изгуби интерес за нас. Тоа е нешто најопасно што може да ни се случи“, посочи потпретседателот на СДСМ.
Тој укажа и на владејачката политика како причина за изолација на државата, поради отворање конфликти со соседите и отсуство на дијалог.
„Апсолутно сме изолирана држава. Отвараме конфликти со сите наши соседи. Отвараме конфликт со Грција на затворено прашање. Отвараме конфликт со Бугарија. Едноставно оската со Србија се движи. Но сепак мислам дека на затворени прашања не треба да отвараме нови прашања. Ние сме тие што треба да форсираме дијалог, да се приближиме до Европската Унија“, порача Трајановски.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
Фото: СДСМ




