Началникот на северната граница со Косово, Наим Рамука лично со автомобил го транспортирал Блерим Рамадани додека бил во куќен притвор преку граница по лентата за камиони без никаква проверка и го вратил истиот ден, тврди опозициската СДСМ.
За денот на бегството пак, уверуваат дека началникот испратил друго лице со друг автомобил и повторно без проверка Блерим Рамадани ја поминал границата, но овојпат за да не се врати назад. Опозициската партија прозива за одговорност.
Ќе има ли конечно одговорност или Мицкоски и Тошковски ќе продолжат да ја префрлаат вината на други? СДСМ бара ОЈО веднаш да отвори постапка за организирано пуштање на слобода на затвореник од страна на лица вработени во МВР и Општина Чаир. Да се истражи кој се учествувал во пуштањето на Рамадани и да се покренат постапки против сите. Доколку ова не го направи ОЈО, ќе сметаме дека го штити МВР и Тошковски од одговорност, но и сите останати инволвирани во овој случај, изјави Митко Трајчулевски, пратеник на СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во наводите на опозициската партија гледа само манипулации во корист на судијата Пајазит Пајазити кој го додели куќниот притвор на Блерим Рамадани.
Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ го штити судијата и сака да прикрие дека од затвор во нивно време избегаа притворените за убиството кај Мавровка.
Пајазит Пајазити е единствено виновен зошто Блерим Рамадани избега. Да досудеше Пајазити ефективен затворски притвор, сега Рамадани ќе беше во Шутка. Од друга страна СДС расфрла пердуви да го прикрие скандалот со избеганите затвореници од Идризово и Шутка, кои се приведени за убиството кај Мавровка, а од затвор избегале во време на СДС. Да не беа избегани од затвор во време на СДС, убиството кај Мавровка немаше да се случи,изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ преку соопштение ги повикаа лидерите од коалицијата Вреди, да кажат дали и тие одговорноста ја гледаат во Пајазити.
Како Меџити, но и Таравари, Касами, Гаши, Ќоку ја коментираат одлуката на Врховниот суд со која се загрозуваат сите војници на Ослободителната војска на Косово да бидат екстрадирани во Србија?“, стои во соопштението на ДУИ.
Инаку, вчера Врховниот суд го укина решението на Кривичен, кој претходно не дозволи екстрадиција на Рамадани, но и доколку на крај се одлучат да биде испорачан на Србија, во пракса тоа не може да се реализира бидејќи тој веќе не е на македонска територија. Во меѓувреме тричлената комисија формирана од Судскиот совет ја анализира судската одлука на Пајазити за Рамадани.