Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјаноски се огласи по денешното сведочење на Зоран Заев во судот во врска со случајот „Монструм“. Велјаноски преку социјалните мрежи вели дека долго време бил мета на испланирани и оркестрирани напади, базирани на лаги и измислувања.

„Политиката во Македонија е поле каде неморалните, лажливците и луѓето без етика, изминативе неколку години успевале најмногу. Долги години одредени параструктури протураа лага дека сум бил некако замешан во случајот „Монструм“. Ми беше тешко да молчам, но знаев и верував дека еден ден сè ќе стане јасно и ќе биде чисто дека тоа беше конструирана лага за мое лично оцрнување. Нападот против мене е ништо и е незначајно во споредба со болката на семејствата на петте прерано згаснати млади животи. Одлуката некој да си поигрува со нивните судбини и чувства е тешко бреме кое ќе остане до крајот на животот“, пишува Вељаноски.

Инаку, името на Велјаноски на рочиштето за „Монструм“ беше првпат споменато од родител на убиено момче кој го праша Заев дали мајките, кога биле на состанок кај него, го прашале за вмешаност на Вељаноски во убиството и што им одговорил тој.

„Не се сеќавам точно на разговорите со мајките на децата убиени кај Смилковското езеро. Ако сум кажал таква работа, тоа било бидејќи доаѓале секакви информации. Поставувавте секакви прашања кои мислевте дека ќе ве доведат до вистината. Не се сеќавам на прашањето за Трајко Велјаноски. Но, ако ме прашате дали имам докази против него – не сум видел и немам никакви докази против него, освен неточни писанија кои сум ги видел во медиумите од квази-новинари“, рекол денеска пред судот Заев.

Извор: Скопско ехо