По повод Вера, Нада и Љубов за Македонија!
(30.Септември, `19.)

Олгица Никола Трајковска
До Вистината за Името, по уште едно беспаќе…

За неоснованоста на промената на името, многу пати е пишувано, опфатени се различни основи, аргументи од секаков вид, повеќе или помалку издржани, главно неспорни…!
Ќе се обидам да посочам уште еден, до кој дојдов сосема спонтано, истражувајќи ја правната генеза на промена на Уставот на РМ, со последните Амандмани.

1.Познато е дека Уставот на РМ е врвен правен акт на државата, што ги определува начелата и законите, потоа, управувањето на државата, како и односот меѓу државата и нејзините граѓани.Уставот ги определува и надлежностите и ограничувањата на држвните институции и нивните односи. Воедно ги определува и штити правата на поединците. Но, го определува и начинот на неговите измени и дополнувања.
Оттука, никаде не е наведено дека со Уставот СЕ УТВРДУВА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА! Значи, со Уставот на РМ се утврдува типот на државата (Република), но не и нејзиното име! Таква одредба Уставот не содржи!

2. Познато е и дека Уставот на РМ може да се менува само по пат на АМАНДМАНИ. Тоа значи дека, за разлика од законите и другите прописи кои може да се менуваат со директни интервенции (измени и дополнувања) во самите одредби (понекогаш и со една интервенција може да бидат опфатени 2,3 и повеќе одредби), уставните одредби може да се менуваат секоја одделно со ЦЕЛОСНО НОВ ТЕКСТ кој ЦЕЛОСНО ја заменува конкретната уставна одредба и е наведен после првичниот текст на Уставот од 1991..
Значи, Уставот може да се менува исклучиво со посебен амандман за секоја промена на секоја одредба!

3. Спротивно на ова правило, со ЕДЕН Амандман (XXXIII) е извршена измена и дополнување ВО ЕДНО на сите одредби во Уставот каде се СПОМЕНУВА „Република Македонија“ и “Македонија“, без тие да се наведат и без поединечни амандмани на секоја одделна одредба. Амандманот гласи:
„ Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36“.

4. Поради тоа што Уставот не содржи одредба со која се утврдува името на државата „Македонија“, туку само типот на нејзиното уредување „Република“, законодавецот можел да го измени само типот на уредувањето, но не и самото име на Државата.
Оттука, е сосема јасно зошто законодавецот, со цел на промена на името „Македонија“ направил ваква правна какофонија (интервенирал во самите одредби на Уставот), спротивна на самиот Устав, кој децидно утврдува дека измените и дополнувањата се вршат со амандмани!

5.За да ја откријам правната генеза на името „Македонија“, истражував наназад – да го откријам ПРВИОТ акт со кој е утврдено ова име! Се вратив на уставите на Република Македонија и југословенската заедница во сите претходи видови/облици на уредување дури до 1946. И пред тоа! Ги испроверив сите конститутивни акти и на АСНОМ и на АВНОЈ!
Никаде не е утврдено дека името на федеративната единица, која има статус на ДРЖАВА, отсега па натаму ќе носи назив „Македонија“. И Македонија и македонскиот народ се АКЦЕПТИРАНИ во сите ДРЖАВОТВОРНИ документи до денес како ПОЗНАТИ, ПОСТОЕЧКИ и НЕСПОРНИ! Во прилог на ова е и фактот што „Македонија, Македонец, македонско…“ векови наназад, се официјални називи и во неброени странски и домашни документи, написи, статистики, научни истражувања… Со враќањето уште наназад, дури милениуми…никаде не наидов на АКТ со кој ова име е утврдено, што ќе биде даден назив и за територијата и за народот! (за разлика од многу територии, држави и народи/нации кои се настанати и именувани со конретни акти на суверени, органи или тела, со важност од конкретни датуми!). Дури и Референдумот од `91. за независност на државата Македонија, спонтано го акцептира нејзиното име, како познато, неспорно, континуирано и непосредно, од времето на нејзиното постоење во југословенската заедница.

6.МАКЕДОНСКОТО ИМЕ е едно од ретките во светот, што е ПРИРОДНО настанато и нераскинливо врзано за овој македонски народ и територијата на која тој битисувал и етнички и културолошки се дефинирал, како посебност!

7.Па драги мои, која е таа неписменост, дрскост, ароганција, слепило… за она што е УНИКАТНО и КОНТИНУИРАНО живо и свежо, од „Бога“ дадено, без АКТ, без декрет…, административно да биде поништено со крвави 81 прст на сегашни изроди!?

8. Патот кон Вистината за Името, постојано се поплочува… Заедно со статусот на Правото на самоопределување (ius cogens), со принципите на договорното право, еве, и со принципите на Природното право (lex naturalis) според кои – ова Природно право (на Името „Македонија“) е неспорна должност на секоја државна инстанца и на секој човек, затоа што произлегува од Божјото провидение (Тома Аквински), од самата природа (Џон Лок, Русо…), но и од човечкиот разум (рационалисти,вв римското право…)!
З а к л у ч о к :
Името на државата „Македонија“ не е утврдено со ниеден правен акт, ниту е предмет на уставно уредување, па затоа не може да биде предмет на измени и дополнување со Устав или кој друг правен акт!