По Канада, Мексико и Кина, американскиот претседател Доналд Трамп најавува царини и за Европската Унија. Вели дека САД имаат трговски дефицит од над 300 милјарди долари со Унијата која ја обвини дека ја искористува Америка.
Трамп сепак, не прецизираше кога би биле воведени царините, освен дека тоа би се случило наскоро. Покрај за ЕУ, американскиот претседател најави слични мерки и за Велика Британија која како што кажа, ја преминала границата во економската размена со САД.
-Сигурно ќе се случи со ЕУ можам да ви го кажам тоа, бидејќи тие навистина не искористуваат. Знаете, ние имаме дефицит од 300 милијарди долари. Тие не ги купуваат нашите автомобили, не ги купуваат нашите земјоделски производи, не купуваат речиси ништо, а ние купуваме се од нив. Обединетото Кралство ја премина границата, ќе видиме за нив. Но, ЕУ навистина ја премина границата.-Доналд Трамп – Претседател на САД.Најавата на Трамп за царини кон ЕУ е тема и на неформалниот самит на европските лидери во близина на Брисел кој е посветен на зајакнување на одбранбените капацитети на Европа и потребата од поголеми инвестиции во безбедноста. Пред почетокот, дел од нив порачаа и дека доколку Трамп се одлучи на таков чекор, тогаш и Унијата ќе возврати.
-Доколку нашите трговски интереси бидат нападнати, Европа како сила која има свои сопствени сили, ќе мора да се погрижи другите да ја почитуваат и затоа да реагираа, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
-Ние ги слушавме внимателно тие зборови и секако се подготвуваме исто така и од наша страна. Но, тоа што е јасно, нема победници во трговски војни. Доколку САД и ЕУ почнат трговска војна, тогаш Кина ќе се смее од страна, вели Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Царините од 25 проценти кои Трамп ги воведе за Канада, Мексико и од 10 проценти за Кина стапуваат на сила од утре, а трите држави веќе најавија дека ќе возвратат со слични мерки.