Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го прими десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан во Белата куќа, кого го претстави како „тежок, но почитуван” човек.
Според агенцијата АП, ова е уште еден пример што покажува дека американскиот претседател не престанува да се сретнува со лидери кои Западот не ги прима со топлина. Американската агенција потсети дека Трамп и Орбан зазедоа тврд антиимигрантски став.
Орбан изрази надеж дека тој и Трамп би можеле да доведат до формирање глобален сојуз.
-Вие сте направиле добра работа и ја гарантиравте безбедноста на вашата земја, рече Трамп на почетокот на состанокот со Орбан, додавајќи дека Орбан е „тежок, но почитуван човек” насекаде во Европа, според Франс прес.
Орбан, според Франс прес, е познат по своите евроскептички ставови и критики за либералните демократи.
Трамп рече дека Орбан, се чини, дека е „малку контроверзен како него, но тоа не е сериозно”. Американскиот претседател, исто така, се осврна на нивната заедничка борба против имиграцијата.
„Направивте добра работа во врска со имиграцијата, многумина така мислат”, рече Трамп, додавајќи дека „ужасните” проблеми со кои се соочува Европа се должат на „различни избори” од изборот на унгарскиот премиер, до скриена алузија на германската канцеларка Ангела Меркел, која остави отворени граници за сириските бегалци во 2015 година.
Унгарскиот министер за надворешни работи во неделата изјави дека ќе биде формиран антиимигрантски сојуз и дека Унгарија и САД беа меѓу неколку земји кои минатата година се спротивставија на мировниот договор на Обединетите нации.
Орбан и Трамп, исто така, треба да разговараат за унгарскиот план за купување проектили од среден дострел од САД.