Американскиот претседател Доналд Трамп денес им се заблагодари на службениците на Службата за имиграција и царина (ICE), велејќи дека новоусвоениот „голем прекрасен закон“ ќе им ги обезбеди сите ресурси што им се потребни за да „спроведат најголемата операција за масовна депортација во историјата“ на Соединетите Американски Држави.
„Нашите храбри службеници на ICE, кои секојдневно се подложени на насилни напади, конечно ќе ги имаат алатките и поддршката што им се потребни. Нема да дозволиме Америка да стане земја од третиот свет исполнета со криминал, училишта што пропаѓаат, болници што се уриваат и тотална социјална дисфункција“, рече Трамп на Truth Social.
Тој додаде дека станува збор за „ремиграција“ која, како што рече, „ќе ја направи Америка повторно голема“. Трамп го потпиша Законот за намалување на даноците и трошењето, таканаречениот „голем, прекрасен буџетски закон“, во петокот на церемонијата по повод Денот на независноста во Белата куќа.
Пакетот, кој Сенатот го усвои на маратонска седница претходно оваа недела, вклучува намалување на даноците и зголемено финансирање за Пентагон и граничната безбедност.
Пакетот, исто така, вклучува поконтроверзни намалувања на трошоците за да се обезбеди финансирање за остатокот од законот, вклучувајќи ги и најголемите намалувања на федералната мрежа за безбедност во последниве децении.