Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека денеска имал „добар и продуктивен“ телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со кого разговарале за глобални прашања, како што се војната меѓу Русија и Украина и конфликтот во Газа.
„Тукушто имав многу добар и продуктивен телефонски разговор со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на многу теми, вклучувајќи ја војната меѓу Русија и Украина, ситуациите во Сирија, Газа и многу повеќе.“
„Претседателот ме покани да ја посетам Турција во иднина, а тој ќе дојде и во Вашингтон“, рече Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Трамп се осврна на својот прв мандат и го истакна својот „одличен“ однос со турскиот претседател.
„Во текот на моите четири години како претседател, мојот однос со претседателот Ердоган беше одличен. Тесно соработувавме по многу прашања, вклучително и фактот дека тој помогна веднаш да се врати затворениот свештеник Ендру Брансон во Соединетите Држави по мое барање“, рече Трамп во својата изјава.
Тој додаде дека со нетрпение очекува да соработува со турскиот претседател „за да се стави крај на смешната, но смртоносна војна меѓу Русија и Украина – сега“, пренесува Танјуг.