Американскиот претседател Доналд Трамп испратил писмо со предупредување за Белгија и на адресите на уште шест земји членки на Европската унија коишто се во составот на НАТО за да ги опомене за нивната обврска за зголемување на воените давачки во пресрет на самитот на Алијансата на 11-ти и 12-ти јули, изјави во петокот белгискиот премиер Шарл Мишел.
„Не ме импресионира тој вид дописи… Белгија го запре систематскиот пад на своите воени издатоци и учествува во многу воени операции“, коментираше за новинарите белгискиот премиер Шарл Мишел во разговорот со новинарите во текот на самитот на Европската унија.
Шесте други земји членки на ЕУ на коишто им е упатено истото писмо се Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Луксембург и Холандија. Слични писма им се испратени и на премиерите на Норвешка и на Канада, навел за AFP анонимен дипломатски извор.
Американскиот претседател Донал Трамп во дописот ги повикал своите европски сојузници на почитување на обврската преземена во 2014 година на самитот на НАТО во Велс, и да одвојуваат најмалку 2 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) до 2024 година. Трамп често го истакнуваше ова прашање во минатото. Уште во текот на првиот самит на НАТО на кој учествуваше во мај 2017 година во Брисел го истакна ова барање коешто ќе го повтори и на следниот состанок на врвот кон средината на јули, исто така, во Брисел.
Осум од 29-те членки на НАТО ќе ја исполнат оваа обврска во текот на 2018 година, а тоа се САД, Велика Британија, Грција, Полска, Естонија, Литванија, Летонија и Романија. Германија, којашто Трамп остро ја критикува, има големи тешкотии при исполнувањето на оваа обврска во договорениот рок.