Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп ја номинираше Кејт Мери Бирнс за иден амбасадор во Македонија. Таа е дипломат од кариера, а во моментов е заменик шеф на мисија во амбасадата на САД во Грција.
Претходно, таа била заменик шеф на мисијата и заменик постојан претставник во мисијата на САД во седиштето на ОБСЕ во Виена. Во својата кариера таа работела во американската амбасада во Мадрид, Шпанија, потоа била на дипломатски задачи во Авганистан и во седиштето на НАТО во Брисел. Бирнс зборува шпански, унгарски и турски јазик.
Веста за нејзиното номинирање е објавена на официјалната страница на Белата куќа, а на својот профил на социјалната мрежа Твитер, ја сподели и актуелниот американски амбасадор во Македонија, Џес Бејли.