Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека премиерите на Камбоџа Хун Манет и Тајланд Анутин Чарнвиракул се согласиле да го обноват прекинот на огнот по граничните конфликти.
Трамп го објави тоа на својата социјална мрежа Truth Social по разговор со двајцата премиери.
– Тие вечерва се согласија да престанат со секаков оган и да се вратат на оригиналниот мировен договор што беше постигнат со мене и нив, со помош на големиот премиер на Малезија, Анвар Ибрахим, рече Трамп во објавата.
Првичното примирје меѓу Тајланд и Камбоџа беше договорено во јули оваа година со посредство на Малезија, а беше спроведено под притисок од Трамп, кој се закани дека ќе ги укине трговските привилегии доколку двете земји не се помират.
Граничните судири продолжија дури и по договорот за прекин на огнот.




