„Големиот, сложен, детален и несоборлив извештај за измама на претседателските избори која се случи во Џорџија наскоро ќе биде завршен и ја ќе го претставам на голема конференција за медиумите во понеделник во 11 часот во Њу Џерси“, објави Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.

Тој додаде дека сите обвиненија против него и други лица треба да бидат повлечени.

Големата порота во сојузната држава Џорџија во понеделникот поднесе обвинение против Трамп поради обидот да го поништи поразот од Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година.

Тоа е четврта кривична пријава против Трамп и втора која го обвинува дека се обидел да ги смени резултатите од гласањето во 2020 година.

Обвиненијата се поднесени против поранешниот претседател, но и неговите соработници како поранешниот шеф на неговиот кабинет Марк Медоус, како и поранешните адвокати на Трамп Руди Џулијани, Синди Пауел, Кенет Чесбро, Џеф Кларк и други.

Реагирајќи на поднесувањето уште едно обвинение против него, поранешниот американски претседател кажа дека станува збор за политички мотивирани и наместени обвиненија.

Тој претходно денес порача дека четвртото обвинение против него доаѓа во „мрачно време“ за Соединетите Држави, но вети дека ќе победи на претседателските избори во 2024 година и дека ќе ја „направи Америка повторно голема“.

Трамп кажа и дека обвинение „изгледа наместено“, но праша и зошто тоа не било поднесено пред две и пол години: „Затоа што сакаа да го направат тоа среде мојата политичка кампања. Лов на вештерки“, заклучи тој.