Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг следната недела во рамките на неговата турнеја низ Азија, објави денес Белата куќа.
Средбата со Си е закажана за следниот четврток на маргините на Самитот за азиско-пацифичка економска соработка во Јужна Кореја, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит. Таа не даде детали за содржината на разговорот, според американскиот портал Политико.
Трамп патува во Малезија доцна во петокот навечер. Според планот, Трамп ќе се сретне со новиот јапонски премиер Санае Такаичи во вторник и со јужнокорејскиот лидер Ли Џе-мјунг во среда.
Трамп вчера изјави дека двајцата лидери ќе се договорат за сè, од трговија до нуклеарна енергија. Тој, исто така, планира да се осврне на купувањето руска нафта од страна на Кина. Трговските тензии меѓу двете земји ескалираа во последните недели откако Трамп објави воведување на 100-процентни царини за кинескиот извоз во САД, кои треба да стапат на сила два дена по состанокот на лидерите, според американскиот портал.
Ветувањето на Трамп дојде откако Кина објави нови контроли за извоз на ретки земни метали и сродна технологија во областа на електрониката и воената опрема. Новите американски царини ќе бидат „дополнително на сите царини“ што Кина веќе ги плаќа, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи претходно овој месец.
Трамп вчера додаде дека негов приоритет е да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина. „Си сега сака да види крај на таа војна“, нагласи тој.
Тоа ќе биде првата средба лице в лице меѓу двајцата лидери од 2019 година, кога се сретнаа во Јапонија на самитот на Г20.