Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека лиценците за емитување можат да им бидат одземени на  телевизиските мрежи ако известуваат претежно негативно за него, објави денес CNN.

„Некаде прочитав дека 97 проценти од телевизиските мрежи се против мене, па затоа лесно ги добив изборите“, рече тој, додавајќи дека победил во сите седум неодлучени држави и го добил гласот на народот.

Според Трамп, и покрај ова, 97 проценти од телевизиските мрежи му даваат лош публицитет.

„Тие добија лиценца за емитување, па мислам дека можеби треба да им се одземе“, рече американскиот претседател.

Трамп, зборувајќи во претседателскиот авион Ер Форс Уан по враќањето од Велика Британија, рече дека ќе го одобри потегот на Федералната комисија за комуникации за одземање на лиценците, навестувајќи дека телевизиските мрежи треба периодично да поднесуваат барања за нивно добивање.

Подоцна додаде дека критериумот за одземање на лиценците од телевизиските мрежи може да биде отсуството на емитување на конзервативни ставови.

„Треба да се дискутира, бидејќи имате некоја телевизиска мрежа што емитува вечерна програма во која е нападнат само Трамп и ништо друго. Тие не смеат да го прават тоа, тие се огранок на демократите“, рече американскиот претседател.

Трамп додаде дека одлуката ќе му ја препушти на претседателот на FCC, Брендан Кар, кој се најде во средината на контроверзноста околу откажувањето на шоуто на Џими Кимел поради неговите коментари за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк.

„Мислам дека Брендан Кар е одличен. Тој е патриот кој ја сака нашата земја и е жилав човек“, рече Трамп, отфрлајќи ги критиките кон Кимел, кого го нарече „безталентирана будала“.