Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник изјави дека има многу големи шанси за прекин на огнот во Газа оваа или следната недела. Трамп ги даде овие забелешки по средбата со израелскиот премиер, со кого се сретна двапати во два дена за да разговараат за истата тема, објави Ројтерс.

„Имаме шанса оваа или следната недела“, изјави Трамп пред новинарите. Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „големи работи“ се случуваат кога Израел и Америка работат заедно и дека Тел Авив не се откажува од својата цел за уништување на Хамас.

Тој нагласи дека Израел е посветен на исполнување на сите воени цели во Газа, вклучително и ослободување на заложниците, уништување на воените и административните капацитети на Хамас и обезбедување дека Газа повеќе не претставува закана за Израел, објави „Тајмс оф Израел“

„Тоа значи дека нема Хамас. Ова мора да се разбере. Тоа бара одредена стратегија. Тоа бара некои потези кои се многу болни (за Израел) и некои кои се многу болни за Хамас“, рече тој.

Нетанјаху нагласи дека Израел бара прекин на огнот според свои услови, откако го прифати најновиот предлог од американскиот претставник Стив Виткоф. „Исто така, сме подготвени да ја завршиме војната под услов Хамас повеќе да не може да дејствува, повеќе да нема административен или воен капацитет и Газа повеќе да не може да биде закана за Израел“, рече Нетанјаху.

Тој додаде дека Хамас мора да го положи оружјето и Газа мора да биде демилитаризирана.