Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека наредил две нуклеарни подморници да бидат позиционирани во региони во близина на Русија, како одговор на заканите од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
„Наредив две нуклеарни подморници да бидат позиционирани во соодветните региони, за секој случај, овие глупави и провокативни изјави да бидат повеќе од обична реторика“, напиша Трамп на својот профил на социјалните мрежи Tryth Social.
Трамп вчера го предупреди поранешниот руски лидер Дмитриј Медведев да „внимава на своите зборови“ и го нарече „неуспешен претседател“.
„Русија и САД речиси и да немаат трговски односи. Ајде да го задржиме тоа така и да му кажеме на Медведев, неуспешниот поранешен претседател на Русија, кој мисли дека е сè уште претседател, да внимава на своите зборови. Тој влегува во многу опасна територија“, напиша Трамп.
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија претходно го исмеа ултиматумот на Трамп до Кремљ, во кој американскиот претседател ѝ го скрати рокот на Русија за завршување на војната во Украина и ѝ се закани со сериозни економски последици ако не го стори тоа.
„Трамп си игра ултиматуми со Русија: 50 дена или 10. Треба да запомни две работи: Русија не е Израел, па дури ни Иран. Секој нов ултиматум е закана и чекор кон војна. Не меѓу Русија и Украина, туку со неговата сопствена земја. Не одете по патот на Поспаниот Џо!“, рече Медведев на платформата X, коментирајќи ја најавата на американскиот лидер за скратување на рокот од 50 дена што претходно го постави за постигнување прекин на огнот меѓу Москва и Киев.
Во друга објава, Медведев го нарече американскиот сенатор Линдзи Греам „дедо“, откако републиканскиот сенатор го советуваше да „седне на преговарачка маса“.
„Не е до тебе или Трамп да диктирате кога треба да седнеме на преговарачка маса. Преговорите ќе завршат кога ќе се постигнат сите цели на нашата воена операција. Прво грижи се за Америка, дедо!“, напиша Медведев.