Претседателот на САД Доналд Трамп смета дека заслужува да ја освои Нобеловата награда за мир по повеќе основи, но сè е наместено.

– Би можел да ја добијам Нобеловата награда за мир за многу работи доколку оние кои ја доделуваат го прават тоа на фер начин, но тоа не е случај, изјави денеска Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

И претходно Трамп ја спомнувал можноста за Нобелова награда за мир, посебно затоа што ја доби и неговиот претходник Барак Обама. Трамп тогаш оцени дека ниту Обама не знае за што ја добил наградата.

Кога ја доби Нобеловата награда на 10 декември 2009 година, Барак Обама укажа на значителните контроверзии предизвикани од таа неочекувана награда на почетокот на неговиот прв мандат.

– Јас сум на почетокот, а не на крајот на мојата работа на меѓународната сцена, рече Обама во тоа време.

Покрај Барак Обама, тројца други американски претседатели ја добија оваа престижна награда: Теодор Рузвелт, Вудроу Вилсон и Џими Картер.