Американскиот претседател Доналд Трамп им понуди на демократите проширување на правната заштита за одедени групи мигранти во замена за одобрување на 5,7 милијарди долари за изградба на ѕид долж границата со Мексико.
Обраќајќи се до нацијата од Белата куќа, Трамп рече дека новиот план вклучува три години законодавни олеснувања за корисниците на Deferred Action for Childhood Arrivals (DACA) и проширување на привремената заштита за други групи мигранти.
Трамп додаде дека новиот план кој вклучува околу 1,6 милијарди долари за финансирање технологија за откривање дрога и фондови за хуманитарна помош, на гласање следната недела ќе го достави Мич Меконел, лидер на републиканците во Сенатот.
Но, малку е веројатно дека со тоа ќе се привлечат доволно демократи кои и понатаму се противат на какво било финансирање на ѕидот за кој Трамп вели дека ќе го плати Мексико.
Дури и пред формалната расправа, Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом ја отфрли понудата на Трамп нарекувајќи ја „компилација од претходно отфрлени иницијативи и секоја е неприфатлива“. Трамп заедно со Меконел работел за да обезбеди предлог кој би деблокирал работа на Владата.