Кандидатот на Републиканската партија за претседателска номинација, Доналд Трамп, изјави дека одлуката на Врховниот суд на САД, која му овозможи да остане на гласачкото ливче во Колорадо, претставува голема победа за Америка.
„Ова е голема победа за Америка. Многу, многу важно. Подеднакво важна за нашата земја ќе биде и одлуката што наскоро ќе ја донесе Врховниот суд за имунитетот на претседателот – без која функцијата на претседателот би станала само церемонијална, што е далеку од она што го планирале основачите“, рече Трамп во изјава за „Фокс“.
Тој додаде дека ниту еден претседател не може да функционира правилно и ефикасно без „целосен имунитет“.
„Нашата земја би била изложена на голем ризик“, рече Трамп.
Претходно денеска Врховниот суд едногласно застана на страната на поранешниот претседател, поништувајќи ја одлуката на сојузната држава Колорадо со која беше дисквалификуван за наводно учество во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година. Судиите на Врховниот суд одлуката ја соопштија ден пред утрешниот „супер вторник“, кога републиканците во 15 сојузни држави одат на внатрепартиски избори.