За прв пат откако американскиот претседател Доналд Трамп ја ескалираше трговската војна со Кина со воведување минимална царина од 145 проценти за повеќето стоки од Кина, Трамп изјави дека би бил спремен да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, објави Си-Ен-Ен.

„Можеби, да, секако, во зависност од тоа што ќе каже Скот“, одговори Трамп на новинар кој го праша дали ќе разговара со Си откако министерот за финансии Скот Бесант и други американски претставници ќе се сретнат со кинеските претставници овој викенд.

Трамп, исто така, рече дека очекува состанокот да биде „многу суштински“.

Тој стави до знаење дека нема да разгледува воведување единствени царини за кинески стоки. Во моментов, поголемиот дел од кинескиот извоз во САД се соочува со царини од најмалку 145 проценти.

„Не можете повеќе да го правите тоа. Сега е на 145, па знаеме дека ќе се намали“, рече Трамп во Овалната соба откако објави трговски договор со Велика Британија. Во меѓувреме, Кина воведе минимална царина од 125 проценти за повеќето стоки од Соединетите Американски Држави.