Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека помошта во храна од програмата за сиромашните Американци (СНАП) ќе биде исплатена откако ќе заврши блокадата на федералната влада.
Тој го изјави ова и покрај судската наредба со која се бара неговата администрација да ги изврши ноемвриските исплати до среда.
– Помошта од програмата СНАП ќе биде исплатена само кога радикално левичарските демократи ќе ја отворат владата, што лесно можат да го направат. Исплата нема да има пред тоа, објави Трамп на Truth Social.
Застојот во Конгресот меѓу републиканското мнозинство и демократите во врска со финансирањето на федералната влада, кој трае веќе 35 дена, ги загрози надоместоците на скоро седум милиони сиромашни Американци.
Федерален суд во Род Ајленд во саботата ѝ наложи на администрацијата на Трамп до понеделник целосно да ги изврши исплатите на помошта за храна, укажувајќи на „непоправливата штета“ што ја предизвикува доцнењето на тие исплати.
Администрацијата на Трамп во понеделникот стави на располагање 450 милиони долари приходи од царини за програмата за исхрана на децата.
Сепак, во судскиот поднесок на администрацијата на Трамп беше наведено дека за програмата СНАП нема да се користат средства во износ од четири милијарди долари потребни за целосно финансирање на ноемвриските надоместоци.




