Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на милитантната палестинска организација Хамас по нивната реакција на неговиот мировен план за војната во Газа и повика на брза акција, пренесе ДПА.
„Хамас мора да дејствува брзо, или сите облози ќе бидат поништени“, објави Трамп на својата платформа Truth Social во саботата.
„Нема да толерирам одложување, за кое многумина мислат дека ќе се случи, или каков било исход каде што Газа повторно претставува закана“, додаде Трамп.
„Ајде да го завршиме ова, БРЗО“, рече американскиот претседател.
Хамас вчеравечер прифати делови од мировниот план на Трамп – вклучително и ослободувањето на сите заложници – но во исто време побара понатамошни преговори.
Трамп потоа побара Израел веднаш да престане со бомбардирањето на Појасот Газа за да го олесни ослободувањето на заложниците, потсети ДПА.
Затоа денеска во својата нова објава на Тruth Social американскиот претседател напиша дека го цени фактот што Израел привремено го запрел бомбардирањето.
Меѓутоа, според најновите информации од опколената крајбрежна енклава, Израел и денеска продолжил да напаѓа, јави германската агенција.
Според Министерството за здравство, контролирано од Хамас, денеска во појасот Газа загинале најмалку 37 лица, од кои само во градот Газа 26.
Информацијата првично не може да биде независно потврдена, а и израелската армија првично не даде коментар за оваа ситуација, иако подоцна портпаролката на ИДФ рече дека армијата официјално не објавила прекин.
Израелските медиуми објавија дека армијата во текот на изминатата ноќ добила инструкции да ја запре офанзивата за освојување на градот Газа.
фото:Truth Social