Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека „никој не знае“ што ќе направи во врска со потенцијалниот американски напад врз Иран, но дека е „многу доцна“ за разговори.

Тој одби да им каже на новинарите дали ќе започне напад врз нуклеарните постројки на Иран, објавува „Гардијан“.

Трамп рече дека иранските претставници му се обратиле, но смета дека е „многу доцна за разговор, има голема разлика помеѓу сега и пред една недела“.

„Никој не знае што ќе правам. Можеби ќе го направам тоа, можеби нема“, рече тој.

Американскиот претседател претходно денес изјави дека му дал на Иран „краен ултиматум“ додека Вашингтон разгледува потенцијална воена интервенција во земјата.

Трамп рече дека мислењата за интервенцијата во Вашингтон се поделени, но дека Иран не може да има нуклеарно оружје, објави Си-Ен-Ен.

„Иран не може да има нуклеарно оружје. Не гледам на долг рок, туку на краток рок. И тоа го кажувам веќе 20 години“, рече тој, одговарајќи на прашање за вмешаноста на САД во уште една долга војна.

На прашањето дали му снемува трпение со Иран, Трамп рече дека тоа веќе се случило и дека „затоа го правиме она што го правиме“. Си-Ен-Ен забележа дека Трамп го употребил зборот „ние“ кога се осврнал на израелско-иранскиот конфликт.

„Ништо не е готово додека не заврши. Знаете, војната е многу комплицирана. Многу лоши работи можат да се случат. Се прават многу пресврти. Па не знам. Не би рекол дека сме победиле некого. Би рекол дека сигурно сме постигнале голем напредок“, рече Трамп.