Американскиот претседател Доналд Трамп денеска попладне ги посети американските воени гробишта во предградието Сирен на Париз, кои се симбол на учеството на САД во Првата светска војна и на куса церемонија им оддаде почит на загинатите.

Трамп им оддаде почит на храбрите Американци, кои ги дале животите во борбите во Првата светска војна.

– Победата беше извојувана со ужасна цена за сојузничките сили, истакна Трамп и потсети дека 26.000 Американци починале само во последната битка на војната.

Трамп претходно беше критикуван затоа што вчера поради дожд ја откажа посетата на гробиштата.

Поранешниот пишувач на говори на американскиот претседател Џорџ Буш помладиот, Дејвид Фрум на Твитер напиша дека е “неверојатно“ претседателот да отиде во Франција поради церемонија по повод крајот на Првата светска војна, а да не оддаде почит на Американците кои загинале во војната.

Американскиот претседател го критикуваа и некои британски функционери.

Николас Соумерс, член на британскиот Парламент и внук на Винстон Черчил, на социјалните мрежи објави дека Трамп ги „обесчестил“ американските војници со тоа што не ги посетил американските воени гробишта.