Американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја продолжи препораката за социјално дистанцирање ширум земјата за нови 30 дена, до крајот на април, јавија американските медиуми.
Трамп оваа мерка ја донесе откако експертите го предупредиле на опасноста од ширење на коронавирусот, како и на тоа дека пикот на бројот на жрвите на дневно ниво може да биде достигнат дури за две недели.
Милиони Американци ќе бидат заразени со коронавирус, а во САД може да умрат меѓу 100.000 и 200.000 лица, изјави претходно водечкиот епидемиолог во САД, Ентони Фаучи, а на вчерашната прес конференција, според Си-Ен-Ен, Трамп кажал дека доколку бројот на жртви биде помал од 100 илјади, тогаш ќе значи дека „е направена добра работа“.
Трамп, кој планираше да ги намали бројот на препораки барем во деловите од земјата кои се помалку погодени од пандемијата, сепак, одлучи да ја продолжи мерката за социјално дистанцирање, со што премолчено призна дека бил преголем оптимист, пренесоа американските медиуми.
Препораките ќе важат и за католички Велигден, што во САД се одбележува на 12 април, до кога Трамп се надеваше дека земјата и нејзината економија повторно ќе почнат да функционираат под полна пареа.
Многу сојузни држави и локални влади воведоа строги контроли за движење и собирања на граѓаните.
Во САД досега се регистрирани на 137.000 заболени од коронавирус, а умреа повеќе од 2.400 лица.