Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека „милиони луѓе се мртви поради три лица“ во војната во Украина – рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот американски претседател Џозеф Бајден, за кој рече дека „нема поим“ што прави и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп им рече на новинарите во Овалната соба на Белата куќа, по средбата со лидерот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, дека сè што сака е да „запре убиствата“ во Украина, објави Скај њуз.
„Бајден можеше да го запре тоа, Зеленски можеше да го запре тоа, а Путин никогаш не требаше да го започне тоа. И сè што можам да направам е да се обидам тоа да го запрам, тоа е сè што сакам. Сакам да го запрем убивањето. И мислам дека правиме добра работа во тој поглед. Мислам дека многу брзо ќе имате многу добри предлози“, рече Трамп.
Тој го обвини Зеленски дека е не е компетентен.
Запрашан да ги коментира потезите на Зеленски, Трамп рече дека „кога започнувате војна, треба да знаете дека можете да победите“.
„Не започнувате војна против некој кој е 20 пати поголем од вас. И тогаш се надевате дека тие луѓе ќе ви дадат проектили“, рече Трамп.
Тој потсети дека тој е првиот што и дал на Украина ракети „Џавелин“.