Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека САД ќе дистрибуираат воена опрема во вредност од милијарди долари за Украина.
На заедничката прес-конференција во Белата куќа со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп потврди договор со членките на НАТО, главно од Европа, за испорака на „висококвалитетно“ оружје за помош на Украина, вклучувајќи ракетни системи „Патриот“, за кои рече дека ќе бидат испратени во земјата „во рок од неколку дена“ и дека ќе бидат платени од сојузниците, објави Си-Ен-Ен.
На прашањето дали ракети „Патриот“ или ракетни системи „Патриот“ се испраќаат во Украина, Трамп одговори дека се испраќа „сè“.
Тој објасни дека земјите-членки на ЕУ и НАТО ќе ги испратат своите системи „Патриот“ во Украина и дека САД ќе испратат замена во тие земји.
Трамп, исто така, рече дека САД ќе воведат 100-процентни санкции врз Русија доколку не се постигне договор за прекин на огнот во војната во Украина во рок од 50 дена, објавува „Гардијан“.
Тој рече дека е „многу, многу незадоволен“ од Русија. „Ќе воведеме многу силни тарифи ако не постигнеме договор во рок од 50 дена.
Тарифите од околу 100 проценти би се нарекле секундарни тарифи“, рече Трамп, посочувајќи дека тарифите ќе бидат воведени без согласност на Претставничкиот дом или Сенатот. Секундарните тарифи имплицираат дека санкциите би важеле и за други земји, имено за земјите што купуваат руска нафта.
На прашањето дали тарифи од 500 проценти ќе бидат воведени врз Русија, тој рече дека бројот не е важен по одредена точка и дека тарифите од 100 проценти би „служеле за целта“.
Трамп рече дека Москва треба да ја врати руската економија на вистинскиот пат и дека Русија има „огромен потенцијал“ и треба да ги користи своите ресурси за трговија, а не за војна.
Зборувајќи за Путин, Трамп рече дека „многу разговара со него“ и дека тие разговори се многу пријатни, но дека разговорите „не значат ништо“ кога ракетите погодуваат градови.
Американскиот претседател рече дека чувствува дека имал договор со Русија за војната во Украина „околу четири пати“. „Мислев дека требаше да склучиме договор одамна, но тој само продолжува и продолжува“, рече Трамп.
На прашањето колку далеку е спремен да оди како одговор ако рускиот претседател Владимир Путин ги засили нападите, Трамп им рече на новинарите дека „тие не ми го поставуваат тоа прашање“.
„Сакам војната да се реши. На крајот на краиштата, да се има силна Европа е многу добра работа“, рече Трамп.
Трамп го пофали одбранбениот сојуз на НАТО, наведувајќи ги неодамнешните договори во кои земјите го зголемија својот придонес во одбраната и безбедноста од два проценти од бруто домашниот производ на пет проценти од БДП до 2035 година, пренесува Танјуг.