САД ќе бидат супериорни во случај на војна со Иран и евентуален конфликт, кој нема да вклучува американски копнени сили, „нема да трае долго”, рече денеска американскиот претседател Доналд Трамп. Тој изјави дека иранското раководство не е премногу паметно, но дека не сака војна со Иран.
Трамп потенцира оти се надева дека нема да има војна.
– Но, ако се случи нешто, ние сме супериорни. Ние сме во супериорна позиција и можам да ви кажам дека нема да трае долго, рече Трамп.
-Тоа нема да трае долго и не зборувам за копнени сили, додаде тој.
– Не мислам дека иранското раководство е мудро. Се надевам дека нема да има војна со Иран, рече Трамп.
Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф претходно го обвини советникот за национална безбедност на САД Џон Болтон за заговор за започнување војна против Иран.
„Дали сакате да знаете зошто оние кои имаат докажана историја на омаловажување на дипломатијата одеднаш се интересираат за разговори”, објави Зариф на Твитер.
Тој во пораката на Твитер објави линк до статија објавена во 2017 година во магазинот Нешнел Ривју и ги повика да се прочита , како што наведе, рецептот на Болтон за уништување на иранскиот нуклеарен договор.
Зариф истакна дека Иран никогаш не ја напуштил преговарачката маса и додаде дека таканаречениот Тим Б, за кој Техеран тврди дека се залага за војна, во која е и Болтон, „ги извади” САД од разговорите и сега прави заговор за војна.