Социјалното дистанцирање и зголемувањето на капацитетот на болниците е единственото нешто што може во овој момент да го направиме во борбата против коронавирусот, смета словенечкиот инфектолог Андреј Трампуж.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, Трампуж кој е раководител во инфективна болница во Берлин, смета дека со ригорозните мерки за изолација и подобрување на медицинските капацитети во Европа се спасени 60.000 животи.
Во интервју за словенечкиот весник „Дело“, Трампуж истакна дека потенцијалната вакцина за коронавирусот можеме да ја очекуваме до крајот на годинава или на почетокот на следната.
– Не можеме цела Европа да ја ставиме во карантин, но мора да го намалиме пренесувањето од човек на човек, а ограничувањата ќе мораат да се заоструваат се додека вирусот се шири, изјави Трампуж.
Инфектологот смета дека во Италија веќе се гледа пикот на епидемијата и дека очевидни се показателите дека епидемијата таму се става под контрола.